10.03.2023 Скопје
Денеска во средното училиште на Град Скопје „Марија Кири-Склодовска“ беше отворена биотехнолошка лабораторија со која треба да се доближи науката поблиску до заедницата на претприемачи и да овозможи дизајнирање на трајни решенија за комплексните еколошки предизвици. Со тоа се демократизира науката и се формира Национална иницијатива за биоотпад што ќе поттикне иновации, образование и значајни ангажмани на заедниците низ земјата во изнаоѓање решенија за заштита на животната средина и јакнење на претприемништвото и поттикнување на нови стартап бизниси.
Лабораторијата е отворена од УНДП, УНИЦЕФ, со поддршка од Град Скопје и останува на користење на училиштето, а со неа ќе стопанисува јавното претпријатие „Дрисла“.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на отворањето на лабораторијата, нагласи дека верува оти не е само прва лабораторија во градот, туку и е прва во државата. Како што таа појасни, лабораторијата ќе ја користат ученици, студенти, сите оние коишто се млади и коишто имаат желба да се занимаваат со наука и сакаат исто така да допринесат во општеството.
Претставничката на мисијата на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани рече дека се надеваат оти ќе се поттикне интересот меѓу студентите да почнат кариера во полето на науките и во полето на иновации и претприемништво, што се одржливи од аспект на заштитата на животната средина.
Подготвено од А.Ѓ.