08.03.2023 Скопје
Пожарникарите од цела Белгија во текот на вчерашниот ден излегоа на улиците на Брисел за да протестираат против нивните сегашни услови за работа и плановите на владата за реформа на пензискиот систем.
Во вторникот наутро, пожарникарите се собраа да бараат повеќе персонал и ресурси. Групата која бара пензионирање на 60 години и признавање на болестите поврзани со работата, исто така, го осуди пензискиот план, кој има за цел да ја зголеми старосната граница за пензионирање на 67 години.
Пјер Адамс, делегат на CGSP на бриселската противпожарна бригада, за време на протестот изјави дека за десет години, нивниот обем на работа се зголеми за повеќе од 60% само во Брисел, додека работната сила остана речиси иста.
Делегациите се состанаа со министерката за внатрешни работи Анелис Верлинден и министерот за јавно здравство Франк Ванденброук, но им беше кажано дека не се можни преговори за пензионерската страна.
Некои демонстранти влегоа и во зградата на Европската комисија, а внатре беа фрлени петарди, но демонстрантите беа потиснати од полицијата, особено со употреба на солзавец. Овој протест е дел од еднонеделната мобилизација (6-10 март) на работниците од јавниот сектор, која на почетокот на февруари ја најави Заедничкиот фронт на синдикатите (CGSP, SLFP, CSC).
Како и француската, белгиската влада моментално работи на план за пензиски реформи, главно поради тоа што пензиите го зголемуваат буџетскиот товар.
Пензиите сочинуваат околу половина од буџетот за социјално осигурување (133 милијарди евра), кој исто така е структурно во дефицит, бидејќи социјалните придонеси што ги плаќаат работодавачите и вработените се недоволни за финансирање на исплатените надоместоци.
Подготвено од А.Ѓ.