20.03.2023 Скопје
Владата на утрешната седница ќе ги замрзне цените на оризот и јајцата од почетокот на овој месец.
Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека замрзнување на маржите за брашното и шеќерот нема да има, но очекува дека самите трговци ќе ги намалат цените.
„За замрзнување на маржите, утре на седница на Влада ќе се донесе одлука за замрзнување за оризот и јајцата, со цени кои биле претходно во текот на овој месец. За шеќерот и за брашнато, согласно податоците од Царинската управа за увозот и податоците од производителите, има намалувања на цените и нема да преземеме мерки. Во наредните денови очекуваме цените само да паѓаат. Ако тоа не се направи од трговците ќе следат дополнителни одлуки за цената на брашното“, истакна министерот Бектеши.
Бектеши уверува дека нема да дозволи зголемената побарувачка да ги крене цените за време на претстојните празници. Воедно, нагласи дека Република Северна Македонија за цената на јајцата е најевтина во регионот, а побарувачката е голема, додека пак зголемување на цените заради зголемена побарувачка за Велигден и Рамазан Бајрам „нема да дозволиме“.
Подготвено од А.Ѓ.