nuklearna podmornica

14.03.2023 Скопје

САД, Австралија и Велика Британија ги открија деталите за планот Канбера да набави подморници на нуклеарен погон на почетокот на 2030-тите, за да одговара на амбициите на Кина во индо-пацифичкиот регион.

Во говорот на церемонијата во американската поморска база во Сан Диего, придружуван од Ентони Албанес, австралискиот премиер и Риши Сунак, британскиот премиер, американскиот претседател Џо Бајден го нарече договорот во рамките на Трипартитното партнерство (AUKUS), дел од заедничката заложба за слободен и отворен индо-пацифички регион со двајца од „најсилните и најспособни сојузници“ на Америка.

Бајден нагласи дека подморниците се „на нуклеарен погон, а не на нуклеарно вооружување“.

Кина рече дека договорот АУКУС го прекршува Договорот за неширење нуклеарно оружје и рече дека трансферот на материјали за нуклеарно оружје од држава со нуклеарно вооружување во држава што не поседува нуклеарно оружје е „јасно“ кршење на договорот и дека трите држави „продолжуваат да чекориш по опасен пат“.

Партнерството, објавено во 2021 година, ѝ дава на Австралија пристап до подморници на нуклеарен погон, кои се поскриени и поспособни од бродовите со конвенционален погон, како противтежа на военото засилување на Кина, според Ројтерс.

Албанес рече дека историскиот договор е „најголемата поединечна инвестиција во одбранбената способност на Австралија во целата историја на земјата“.

Сунак го нарече AUKUS „најзначајното мултилатерално одбранбено партнерство“ во претходниот период. Според договорот, САД имаат намера да ѝ продадат на Австралија три американски подморници со нуклеарен погон од класата Вирџинија, произведени од General Dynamics, на почетокот на 2030-тите, со опција Австралија да купи уште две доколку има потреба, се вели во заедничкото соопштение.

Следната генерација на подморници ќе биде изградена во Велика Британија и Австралија со американска технологија и поддршка.

При лансирањето на партнерството, Австралија ја вознемири и Франција со ненадејно откажување на договорот за купување француски конвенционални подморници.

Имено, преговорите за AUKUS вклучуваат откажување на договор вреден 66 милијарди долари за француската флота на конвенционални подморници, што предизвика дипломатски конфликт во западната алијанса кој траеше со месеци, потсетува британската агенција.

Договорот меѓу Канбера, Вашингтон и Лондон вклучува проценети трошоци за Австралија од 245 милијарди долари до 2055 година, а Албанец ја бранеше оваа потрошувачка и рече дека тоа е „економски план, а не само план за одбрана и безбедност“.

Даниел Критенбринк, американскиот помошник државен секретар за прашања во Источна Азија и Пацифик, изјави дека САД ги информирале своите партнери во Југоисточна Азија, вклучително Индонезија и Малезија, за договорот AUKUS за јасно да објаснат што точно претставува, пренесува Ројтерс.

Ванг Венбин, кинескиот министер за надворешни работи, рече дека САД, Австралија и Велика Британија ја игнорирале загриженоста на меѓународната заедница.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author