27.03.2023 Скопје
Федералната корпорација за осигурување на депозити соопшти дека американската банка First Citizens Bank & Trust Co. ќе ги откупи вкупните депозити и кредити на банката СВБ, која банкротираше на почетокот на март.
Трансакцијата вклучува средства од 72 милијарди долари, објави FDIC, наведувајќи дека денеска ќе се отворат 17 филијали на SVB како First Citizen.
Колапсот на Силиконската долина банка СВБ предизвика паника во банкарскиот сектор во САД, со последици кои ги погодија и европските пазари.
СВБ, која беше блиска до технолошкиот сектор, одеднаш се најде во тешкотии кога беше објавена продажбата на финансиски обврзници во вредност од 21 милијарда долари, со загуба од 1,8 милијарди долари и намера за зголемување на капиталот.
Следеа масовни повлекувања на пари и на 10 март властите ја прогласија за несолвентна и ја презедоа контролата врз имотот на банката, што беше најголемото пропаѓање на банката во САД од 2008 година.
Отсега со сите заеми и депозити на таа институција ќе управува First Citizen bank, додека менаџментот на FDC ќе се грижи за преостанатиот имот од 90 милијарди долари.
Колапсот на СВБ ја потресе банкарската индустрија, што го натера FDIC и другите американски регулатори да дејствуваат за да ги заштитат штедачите и да спречат поширок финансиски хаос.
СВБ со седиште во Санта Клара, Калифорнија пропадна на 10 март, бидејќи штедачите брзаа да ги подигнат парите поради стравувањата дека банката е во неволја. Тоа беше втората најголема банка во американската историја која пропадна.
Подготвено од А.Ѓ.