prava na zhenite

08.03.2023 Скопје

Светот денеска го слави Меѓународниот ден на жената како потсетување на борбата за економска, политичка и социјална еднаквост меѓу жените и мажите.

Меѓународниот ден на жената се слави на 8 март ширум светот, во знак на сеќавање на демонстрациите на американските работници во Чикаго во 1909 година и маршот на повеќе од 15.000 жени во Њујорк, кои бараа пократко работно време, подобри плати и право на глас.

Денот на жената е основан на Втората меѓународна конференција на социјалистичките жени, на 8 март 1910 година, во Копенхаген, на иницијатива на Германката Клара Четкин, тогашна лидерка на женското работничко движење.

За прв пат се прослави во 1911 година во Австрија, Германија, Швајцарија и Данска, кога повеќе од милион жени и мажи присуствуваа на митинзи барајќи жените да гласаат на избори, да им се дозволи да имаат јавни функции, да имаат право на работа и стручно образование.

Демонстрации на работнички се одржуваа во речиси сите поголеми европски градови секоја година до 1915 година и избувнувањето на Првата светска војна.

Главното барање беше европските земји конечно да воведат универзално право на глас. Идејата за празникот е покана до сите да дадат свој придонес за укинување на дискриминацијата на жената во теорија и практика, но и апел до надлежните дека политиката што се води е во согласност со потребите на жените.

Обединетите нации официјално го прогласија 8 март за Меѓународен ден на жената во 1975 година.

Меѓународниот ден на жената стана повод да се прослави она што жените го постигнаа во општеството, политиката и економијата. Се организираат собири и протести за да се укаже на се уште преовладувачката нееднаквост.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author