https://www.flickr.com/photos/66008426@N03/41976650475/in/photolist-26XkiK2-HAy1w-5xHmtF-ng4e2f-smsQcJ-YWvf4b-oU4Ybq-6FyT92-d2czsj-9iFXFV-HMeujv-ppH5PR-8ky9pD-9wnLsP-8kyf52-Hhms73-8kBn4m-XVpjPj-8e2RJm-qfQrJu-JqiTWE-2aZjZ5E-9n4Fsj-8kye1z-27SCzpd-2bAVBkY-pxCnae-8ryZdg-xFm4eC-H9FH7g-d7E2BC-49ScwC-9CE7s8-5Aqu61-5UB83-i5ANH5-aoFVnG-8kycVM-jUs68-bopALL-6mb1Wf-245nS2F-8kBbVQ-4jgErS-dswZMK-9S48Ff-bewrDa-8fxfXu-5fs1CK-aeK2zU

15.03.2023 Скопје

Денеска во пет часот наутро, новинарите во Грција, организирани од нивните здруженија, започнаа 24-часовен штрајк во рамките на утрешниот генерален штрајк за железничката несреќа, со што земјата денеска е без вести и информативни емисии.

Во изминатите години пракса на новинарите е кога учествуваат во генерален штрајк на синдикатите, нивниот прекин со работата да биде ден претходно за да можат да ги покријат протестите и демонстрациите и да информираат за нив.

Последните објавени вести во Грција денеска се кусо пред пет часот утрово, неколку минути пред почетокот на штрајкот во кој учествуваат информативните портали, телевизиите, радијата, како и државната новинска агенција АНА-МПА и државната телевизија ЕРТ.

Од новинарските здруженија велат дека новинарите од целата земја им се придружуваат на грчкото општество и синдикалното движење и го поддржуваат барањето да сносат одговорност виновните за железничката несреќа и да се донесат мерки за во иднина да се избегнат слични несреќи.

Штрајкот на новинарите ќе трае до утре во пет часот наутро.

Двата најголеми грчки синдикати на вработените во државниот и приватниот сектор за утре закажаа генерален, 24-часовен штрајк што се очекува повторно да ја парализира земјата. Нема да функционираат државните служби, затворени ќе бидат училиштата, бродовите и траектите ќе останат закотвени на пристаништата, проблеми ќе има во авионскиот сообраќај со откажани летови, а во Атина и низа други градови ќе се одржат протести.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author