16.03.2023 Скопје
Трговците на млечни производи и увозниците на тестенини и производителите ги намалија цените на млечните производи за 10%, а на макароните за 15%.
Уште вчеравечер големите маркети низ системот ги испратиле новите ценовници, а рано утринава во трговијата беа сменети цените на производите на рафтовите.
Па, кравјите сирења кои претходно чинеа и до 400 денари, сега може да се најдат од 285 до 329 денари за килограм. Поевтинети се и овчите сирења и кашкавали, некаде и до 10 денари, а макароните исто така се продаваат по цени пониски од 4 до 6 денари.
Цените на специјалните видови тестенини, без глутен или од интегрално брашно, останаа исти. Економските министри веќе неколку дена го најавуваат ова намалување како дел на мерките на Владата за сузбивање на високата инфлација и подигнување на семејниот стандард на граѓаните.
Граѓаните влегуваа во пекарниците и се интересираа дали јогуртот кој се продава со производите, ќе се продава по пониски цени, а дел се интересира дали откако се намали цената на урдата, ќе поевтини бурекот со сирење.
Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека сѐ уште се прават анализи дали ќе има замрзнување на цената на останатите основни производи.
Пазарната инспекција најави контроли, но најголемиот дел од трговците брзо реагираа за да не бидат казнети.
Подготвено од А.Ѓ.