16.03.2023 Скопје
Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, треба да пристигне денеска во официјална посета на земјава.
Борел во земјава ќе биде три дена, од кои утре и задутре ќе ги помине во Скопје, а во сабота ќе биде во Охрид.
Во Скопје тој ќе ја предводи делегацијата на ЕУ на 16. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Република Северна Македонија, кој треба да се одржи утре, додека денеска треба да се сретне со премиерот Димитар Ковачевски.
Во неговата агенда се средби и со претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и со претседателот на Собранието Талат Џафери, заменик-претседателите, координаторите на политичките партии и претседавачи на Националниот совет за евроинтеграции и на Комисијата за европски прашања при Собранието на Република Северна Македонија.
Од Скопје, Борел со Ковачевски ќе замине за Охрид каде што на 18 март се очекува да има продолжение на дијалогот помеѓу Белград и Приштина, а на кое ќе присуствуваат српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
Подготвено од А.Ѓ.