03.02.2023 Скопје
Во Националната опера и балет, утре, на 4 февруари 2023, со почеток во 20:00 часот ќе се одржи концерт на нашиот тенор Благој Нацоски насловен како „ Вечер со Благој Нацоски: првите 20 години“.
Гости на концертот се Наде Талевска, сопран и Васко Здравков, баритон. Пијано придружба Јанинка Невчева, а режисер на концертот е Дејан Прошев. Водител ќе биде Огнен Јанески.
На програмата ќе бидат изведени арии од композиторите: Џузепе Џордани, Жил Масне, Џоакино Росини, Џузепе Верди, Франческо Чилеа, Џакомо Пучини и др.
Благој Нацоски е најпознатиот македонски тенор кој веќе 20 години ги освојува сцените ширум целиот свет. Се издвојува по особената музикалност, префинетиот стил на изведба, неговата харизма и впечатливиот сценски настап. Изминатите години Нацоски бележи огромни успеси во Миланска Скала, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија, Палермо, Кина како и на светските премиери на оперите „Страв“, „Сега е мрак“, „Дрдорењара на Лапо“ каде ги толкува главните тенорски партии. Особено успешен е и како концертен односно камерен пејач изведувајќи музика на Шуберт, Шуман, Малер, Брамс во Дуо со пијанистот Лука Чамаруги.
Во 2008 е прогласен за „Амбасадор на македонската култура во Италија“, а во 2016 година доби и признание „Човек на годината“ од весникот Нова Македонија.
Подготвено од А.Ѓ.