https://www.facebook.com/photo/?fbid=2331621887016010&set=pcb.2331616587016540

20.02.2023 Скопје

Катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија досега однесоа најмалку 41.000 животи, а од урнатините продолжуваат да се појавуваат чудесни приказни за спасување на затрупаните, вклучувајќи и новороденче пронајдено со папочната врвца сè уште прикачена на мртвата мајка.

Тоа бебе го добило името Аја, што значи „чудо“, а таа е единствениот преживеан член од нејзиното потесно семејство, откако во земјотресот во Сирија ги загубила родителите и четирите браќа и сестри.

Од различни делови на светот почнаа да пристигнуваат стотици понуди од луѓе кои сакаа да ја посвојат. Аја, сепак, има роднина кој ќе се грижи за неа кога ќе излезе од болница, иако и самиот моментално е бездомник.

Би-Би-Си пишува дека многу деца спасени од урнатините биле донесени во болницата во Адана од други региони само затоа што таа е единствената институција која не е срушена во земјотресот.

Многу други медицински центри во зоната на катастрофата беа уништени или оштетени, а Адана стана место за спасување. Во еден случај, новородените бебиња биле префрлени во таа болница од породилиштето, кое било многу оштетено.

Би-би-си наведува дека повредените деца кои се примени во градската болница во Адана се премногу мали за да знаат што изгубиле. Има стотици случаи на неидентификувани деца чии семејства се мртви, а меѓу нив има и шестмесечно девојче чии родители не се пронајдени.

Дури и постарите деца не можат веднаш да го откријат својот идентитет поради шокот. Во болницата во Адана е сместено и 6 годишно девојче кое поради траума не може да зборува. Д-р Илкнур Банкесур за Би-Би-Си изјави дека децата ги знаат нивните имиња и дека ќе се обиде да разговара со нив кога нивната состојба ќе се стабилизира за неколку дена.

Децата се една од најранливите групи во секоја катастрофа, природна или човечка предизвикана. Сега на многу деца, како што пишува Би-Би-Си, им се „избришани“ имињата, како на шестмесечното девојче во болницата во Адана.

Аја и „анонимното“ девојче се меѓу многуте деца кои останаа без семејство во земјотресот од 7,8 Рихтер што на 6 февруари ги погоди северна Сирија и југоисточна Турција и чија понатамошна судбина е отворено прашање.

Според „Вашингтон пост“, тие го сочинуваат „неискажливиот“ број на деца кои останале сираци поради земјотресот.

Турските здравствени власти соопштија дека моментално има повеќе од 260 повредени деца кои не се идентификувани.

Додека некои деца имаа среќа, останатите се, како што го опиша Би-Би-Си, „анонимни деца на земјотресот“.

Некои ги земаат роднините, како во случајот со малата Аја, а турската влада апелира до луѓето да се пријават за згрижувачки семејства. Во тешко погодените области се формираат импровизирани сиропиталишта, но ќе помине долго време додека семејствата да се обединат, онаму каде што е можно.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author