Image by pvproductions on Freepik

17.02.2023 Скопје

Украинците кои доаѓаат во земјите на ЕУ по руската инвазија би можеле да пополнат значителни празнини на националните пазари на труд, но нивното можно масовно враќање во Украина или конкуренцијата меѓу земјите од ЕУ им предизвикува главоболки на работодавците.

Околу 4,8 милиони луѓе од Украина имаат корист од механизмот за привремена заштита, кој им овозможува пристап до пазарите на трудот на земјите од ЕУ. Покрај тоа, 1,5 милиони украински граѓани беа овластени да останат во ЕУ пред војната.

Големиот прилив на луѓе од Украина се сметаше за огромна можност за државите кои моментално се соочуваат со недостиг на работна сила – како што се Полска, Словачка или Чешка. Сепак, оваа шанса може лесно да се пропушти.

Надја Куртиева, виш специјалист за вработување во бизнис групацијата на Полската конфедерација Lewiatan, изјави дека бегалскиот прилив од Украина по 24 февруари 2022 година беше дефинитивно шанса да се пополнат кадровските празнини за компаниите кои се борат да најдат вработени со релевантни компетенции.

Најголем дел од бегалците се вработиле во секторите производство, угостителство, услуги, ИТ и комуникации.

Вработените во Украина, и новодојдените и оние кои пристигнале во земјата пред војната, се ценети од полските компании.

Словачка има слична загриженост. Според Катарина Тешла, ПР менаџер на порталот за работа Kariéra.sk, Украинците му помогнале на словачкиот пазар на труд, пополнувајќи работни места за кои Словаците не биле заинтересирани.

„Украинците, исто така, најдоа работа во логистика, градежништво или производство. Сепак, поквалификуваните вработени имаат тенденција да не остануваат во Словачка и поминуваат низ земјата само додека бараат кариера во западните земји на ЕУ, каде што можат да добијат подобри плати и повисок животен стандард“, објасни Тешла.

Според важечките миграциски правила, ваква ситуација не требало да се случи. Украинците можат да работат само таму каде што поднеле барање за статус на привремена заштита и не треба да одат во друга земја, но во реалноста ситуацијата е поинаква.

Според Зузана Румиз од ManpowerGroup Словачка, Украинците најмногу заминуваат во Германија, на која и недостасуваат вработени во производството или градежништвото.

Германија дефинитивно не е единствената западноевропска земја која би можела да привлече украински работници кои моментално се наоѓаат на источното крило.

Покрај загриженоста дека западните членки на ЕУ би можеле да ја земат украинската работна сила од Полска, Чешка или Словачка, работодавците се загрижени и за Украинците кои се упатуваат кон исток. Сепак, не сите земји се загрижени за потенцијалната загуба на украинската работна сила.

На општо ниво, бегалците од Украина не се одговор на недостигот на работна сила во Финска, соопшти финското Министерство за економски прашања и вработување, признавајќи дека нивниот придонес е голема помош за многу компании.

Евентуалното враќање на Украинците дома не претставува проблем за работодавците во моментов, информираат од Министерството.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author