09.02.2023 Скопје
Британскиот крал Чарлс III во Бакингемската палата во Лондон оствари средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Чарлс во разговорот со Зеленски истакна дека ги слушнал неговите говори во двата дома на британскиот парламент, и дека е воодушевен од храброста на неговата земја, а Зеленски потоа му се заблагодари на Чарлс и на неговата земја за нивната „голема поддршка“ која ја даваат на Украина во овие тешки мигови.
На средбата подоцна се придружија приватниот секретар на кралот, сер Клајв Алдертон, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Украинскиот претседател Зеленски по посетата на Бакингемската палата замина во официјална посета на Париз, а потоа ќе патува за Брисел.
Францускиот претседател Емануел Макрон ќе биде домаќин на средбата со Зеленски на која ќе биде присутен и германскиот канцелар Олаф Шолц во Париз, соопшти претседателството на Франција.
Подготвено од М.Н.