ptichji grip virus

24.02.2023 Скопје

Според локалните медиуми во Велика Британија, здравствените експерти прават план, сличен на оној за Ковид, со цел однапред да се подготват за можноста вирусот да почне да се шири меѓу луѓето.

Британската здравствена агенција (UKHSA) наведува дека во моментов нема докази дека вирусот побрзо и полесно се шири меѓу луѓето и другите цицачи, но предупредува дека високиот степен на пренос кај птиците е постојан ризик.

За да се осигура дека земјата ќе биде подготвена за ширење на птичји грип на луѓето, здравствените власти ги разгледуваат сценаријата за ширење на вирусот меѓу луѓето. Оваа одлука е донесена по смртта на 11-годишното девојче во Камбоџа, кое за само неколку дена настрада од птичји грип. Девојчето првпат покажало симптоми на 16 февруари, а на 22 февруари била констатирана смрт. Тамошните власти објавија дека биле тестирани уште 12 лица, кои биле во контакт со болното девојче, а нејзиниот татко бил позитивен на вирусот, но не покажал симптоми.

Не се знае какви се резултатите од тестовите на останатите 11 лица. Ако ова е пример за пренесување на вирусот од човек на човек, тоа би бил прв таков случај.

Постојат некои докази дека луѓето се заразиле со вирусот од членови на семејството или во здравствени установи, рече УКХСА, но има малку или нема докази за „одржлив“ пренос меѓу луѓето.

УКХСА сега гради модели за да се запознае со можните сценарија доколку ова се промени. Две главни сценарија се во фокусот – благи, каде стапката на смртност од инфекција е слична на ковид, околу 0,25%, и потешко сценарио слично на пандемијата на грип од 1918 година, каде околу 2,5% од луѓето кои се заразиле со вирусот починале.

Во случај на поблаго сценарио, тоа би значело дека еден од 400 заразени ќе умре, а во другиот, еден од 40 заразени ќе умре. Дури и со прилично ниска стапка на смртност од инфекцијата, тешкото сценарио може да доведе до „значителни разлики во однесувањето во споредба со неодамнешното искуство со пандемијата“, рече УКХСА.

Во светлината на моделирањето, УКХСА размислува како би можеле да се откријат епидемии кај луѓето, вклучително и користење на тестови во стилот на Ковид. Тие, исто така, развиваат тест на крвта кој открива антитела против вирусот и анализа на генетски мутации кои би сигнализирале зголемен ризик за здравјето на луѓето.

Водечките светски експерти за грип ќе се состанат во петок за да разговараат за опасностите од птичјиот грип за луѓето. Група научници, законодавци и производители на вакцини се состануваат двапати годишно за да одлучат кој вид на сезонски вирус да се вклучи во вакцината за претстојната зимска сезона.

На овој состанок ќе се разгледа и ризикот од ширење на вирусот на луѓето и предизвикување пандемија. Вирусот веќе се прошири од птици на видри, лисици и мачки, додека епидемија на фарма за куни предизвика стравувања дека вирусот се шири меѓу животните.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author