23.02.2023 Скопје
Вчеравечер со свечено предавање на кчучот од градот од градоначалникот на карневалистите во Струмица започнаа осумдневните карневалски празнувања.
Во текот на денешниот ден ќе се одржат два концерти под маски на Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, а ќе се објават и резултатите од темата за проза и поезија за карневалот во организација на Библиотеката „Благој Мучето“.
Утре, на 24 февруари, ќе се одржи традиционалниот маскенбал, на кој се избираат принц и принцеза на Карневалот, кои заедно со кралската свита ќе ја предводат Интернационалната карневалска поворка на главната карневалска вечер, која ќе се одржи на 25 февруари во 18.30 часот.
Градоначалникот Костадин Костадинов на прес-конференцијата минатата недела изјави дека и годинава имаат солидна бројка на пријавени од 41 учесници-групи, се разбира најголем дел се „наши домашни учесници, а им се придружуваат и групни маски од Србија, Црна Гора, Хрватска, БиХ, Бугарија и Грција и од повеќе градови во државава“. Воедно, додаде дека и годинава како гости ќе бидат присутни и претставници на FECC од неколку европски земји.
Празникот Прочка, 26 февруари, е резервиран за Детскиот карневал, на кој најмладите ќе продефилираат во маските на нивните омилени јунаци од филмовите и бајките.
На Чист Понеделник, 27 февруари, карневалските празнувања продолжуваат со варење и консумирање на традицоналниот бел грав, а ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер. Во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе биде отворена и традиционалната изложба на карикатури и афоризми и ќе бидат доделени наградите на најуспешните.
Претпоследниот ден е резервиран за Карневалско корзо и доделување на наградите од Интернационалната карневалска вечер.
Карневалот завршува на 1 март со организирање Тримерски ручек и настап на Распеани струмичани, како и враќање на клучот од градот на градоначалникот од страна на карневалистите.
Подготвено од А.Ѓ.