07.02.2023 Скопје

Новото тело на приватните превозници предводено од Јовица Зафировски вчера истакна дека за многу брзо возачите и автобусите ќе се најдат на скопските улици, откако остварија средба со градоначалничката Данела Арсовска.

Зафировски не можеше да даде конкретен датум кога пак ќе почнат да возат, но истакна дека се е позитивно од средбата. Воедно, додаде дека оваа недела ќе имаат уште еден состанок за да ги допрецизираат работите. Исто така, тој додаде дека кон „нас приватните превозници, ЈСП има долг, не градоначалничката и затоа треба да почекаме да видиме што ќе се случува понатаму, особено затоа што се уште трае ревизијата“, истакнувајќи дека нема да има нови блокади на улиците од нивна страна.

Откако вчера новото тело кое ги претставува приватните превозници соопшти дека се блиску до решавање на проблемот кој што го имаат со градоначалничката Данела Арсовска и ЈСП Скопје, директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, изјави дека не знае сега што е крајната цел и што била воопшто целта, меѓутоа очигледно „некој имал цел вака да завршат работите“, истакнувајќи дека секој си има свои некакви претпоставки и интереси зошто ги прави работите „вакви“, а за тоа „ќе видиме кој и како ќе испадне“.

Според Јовановски, веројатно „сметаат дека тука има некои можеби големи пари, затоа што кога ја слушав градоначалничката викаше дека некои се богатат од оваа работа и сега зошто тој некој да биде Ленин Јовановски или Слобода превоз, треба да биде некој друг, па да видиме да се збогати некој друг“, потенцирајќи дека целата ситуација му иницира на тоа, но дали ќе биде така „ќе покаже времето“.

Јовановски е дециден дека не му пречи да биде надвор од процесот.

„Не сакам ништо да попречам ниту ништо ми е поважно од фактот да ги видам приватните превозници да продолжат да работат и да им се исплати долгот. Ние како „Слобода превоз“ и јас како директор се тргаме целосно од процесот на преговарање. Не сакаме да пречиме. Се измешаа лични работи и политички позадини. Може да извршиме само тоа што ќе се договори новото тело и градоначалничката. Најважно е да се исплати долгот. Слобода превоз и Ленин Јовановски се апсолутно неважни во оваа работа“, потенцира Јовановски.

Сепак, Јовановски не верува дека ќе се реши проблемот во скоро време.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *