21.02.2023 Скопје

Во периодот од 13 до 17 февруари, во близина на Атина, Република Грција, била реализирана заедничка обука и размена на искуства помеѓу припадниците на специјалните полициски единици на Република Северна Македонија и Република Грција.

Припадници на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и припадници на Специјалната полициска единица „ЕКАМ“ размениле искуства во повеќе полициски специјалности, разрешување на заложничка ситуација користејќи тактичка блиска борба во затворен простор, снајперизам, механичко и балистичко пробивање со употреба на експлозиви и друго.

Во исто време била спроведена и обука во насока на борба и справување со тероризмот и организираниот криминал.Двете единици покажале голема подготвеност и обученост за соочување со најголемото зло во светот – тероризмот.

„Оваа средба е оценета како квалитетна и професионална, а сведочи и за посветеноста на македонско-грчката соработка на полето на внатрешната безбедност, но и безбедноста на регионот, и претставува основа за натамошно зајакнување и подобрување на механизмите за заедничко дејствување во борбата против современите безбедносни предизвици“, соопштија од МВР.

Во духот на добрата соработка меѓу министерства за внатрешни работи на двете држави, соработката меѓу овие две единици ќе продолжи и во иднина.

Подготвено од М.Н.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *