15.02.2023 Скопје
Трошоците на живот во јануари се зголемиле за 17,1 процент во однос на истиот период минатата година, а цените на мало се накачени за 13,3 проценти, објави Државниот завод за статистика.
Пораст на трошоците на животот има кај кафето, чајот, какаото, рибата и морските плодови, свежото и разладеното овошје, жестоките пијалаци, месото, лебот и житата, прехранбените производи, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи.
Зголемување е забележано и кај електричната енергија, големите електрични апарати за домаќинствата, поправката на апаратите за домаќинствата, стаклените садови, кујнскиот прибор, опремата за спорт, производи за лична хигиена, односно кај се она кое е неопходно за нормално функционирање на едно домаќинство.
Намалување на трошоците на животот во споредба со декември минатата година има кај свежиот и разладен зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови, кај маслото и виното, како и кај воздухопловниот патнички транспорт, снабдувањето со вода, обувките, горивата и малите електрични апарати за домаќинствата, соопштија од Државниот завод за статистика.
Подготвено од М.Н.