21.02.2023 Скопје
Денеска инспекторите од Општина Карпош во соработка со Град Скопје и Полициска станица Карпош спроведуваат заедничка акција во урбаните заедници Злокуќани и Бардовци, за да ги отстранат хаварисаните возила кои со години се оставени по јавните површини.
Целта на акцијата е согласно Законот за јавна чистота да се остранат сите возила кои не се во возна состојба, предмети кои ја загадуваат околината, картони, пластични амбалажи, шут и слично.
Од Општина Карпош ги покуваат граѓаните во најкус можен рок да ги подигнат сите предмети кои се во нивна сопственост, во спротивно ќе се постапи согласно законските регулативи.
Акцијата наиде на голем одзив кај карпошани, кои посочуваат дека е крајно време да се преземе нешто затоа што во сите населби има такви напуштени возила кои заземаат паркинг места, кои во Карпош во голема мерка недостигаат. Тие посочуваат и конкретни локации каде има оставено возила кои не се во возна состојба и бараат акцијата да се прошири насекаде низ општината.
Проблемот со хаварисаните автомобили трае со години и тој е присутен не само во Карпош туку и во другите општини, кои одвреме навреме ставаат опомени на возилата со надеж дека сопствениците сами ќе си ги отстранат, но главно тука завршува сѐ. Главен проблем е што во Скопје не постои депо или некој простор каде би се однеле старите возила доколку организирано се отстранат, а исто така проблем е и сопственоста на возилата.
Општина Центар имаше поинаква идеја, па таа ги повика сопствениците сами да пријават доколку поседуваат неупотребливо возило, кое бесплатно се пренесуваше во отпад како старо железо, а на сопственикот му се исплаќаа и пари за откуп.
Доколку наредната недела акцијата се прошири низ целиот Карпош, коментарите од граѓаните можат да им бидат од помош на општинските служби затоа што понудија многу локации каде има напуштени возила.
Подготвено од А.Ѓ.