22.02.2023 Скопје
Сувите зимски временски услови ја поттикнаа загриженоста дека Италија е изложена на ризик од нова суша по алармантната состојба од минатото лето, научниците и еколошките здруженија велат дека главната причина е што Алпите добиле помалку од половина од нормалното количество снег.
Венеција, каде што поплавите се голем проблем, се справува со невообичаено ниска плима што ги спречува гондолите, водените такси и амбулантите да пловат по каналите.
Еколошката група „Легамбиенте“ во понеделникот соопшти дека реките и езерата во Италија страдаат од сериозен недостиг на вода, а северните региони на земјата се особено загрозени.
Најдолгата италијанска река По, која тече од Алпите на северозапад се до Јадранот, во овој период од годината има 61 отсто помалку вода од вообичаеното, соопштија од „Легамбиенте“.
Нивото на водата на езерото Гарда во северна Италија падна на рекордно ниско ниво, што овозможува пеш да се стигне до малиот остров Сан Бјаџо, а потребни се 50 дена дожд за да бидат надоместени 500 мм во северозападните региони, изјави експертот за клима Масимилијано Паски од италијанскиот научно-истражувачки институт CNR.
Подготвено од М.Н.