24.02.2023 Скопје
Владата на Република Северна Македонија обезбеди 36,2 милиони евра за реализација на нова инвестиција во енергетскиот сектор со којашто ќе се продолжи векот на шест големи хидроелектрани, ќе се зголеми нивната инсталираната моќ и производството на електрична енергија од домашни извори.
Средствата се обезбедени со заем во износ од 25 милиони евра од КФВ развојната банка, 11,2 милиони евра грант од ЕУ од ВБИФ и 0,2 милиони евра од германската Влада.
Инвестицијата ќе се реализира во наредните две години. Ќе опфати ревитализација на шест големи хидроелектрани (ХЕ Вруток, ХЕ Врбен, ХЕ Равен, ХЕ Тиквеш, ХЕ Шпилје и ХЕ Глобочица) што обезбедуваат помеѓу 20 и 30 % од вкупното производство на електрична енергија во земјава.
Со оваа инвестиција нивната инсталирана моќност ќе се зголеми за дополнителни 13,5 МW, додека производството на електрична енергија ќе се зголеми за околу 47,5 GWh годишно.
За реализација на оваа инвестиција во Скопје се потпиша Договор за заем меѓу Кредитната банка за обнова КГВ и АД ЕСМ Скопје, Договор за гаранција меѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за финансии и Кредитната банка за обнова КФВ, посебен договор меѓу Кредитната банка за обнова КфВ и АД ЕСМ Скопје и Договор за ВБИФ грант меѓу Кредитната банка за обнова КФВ и АД ЕСМ Скопје.
Договорот за гаранција го потпиша министерот за финансии Фатмир Бесими и директорот на Секторот за енергија и мобилно во ЈИЕ и Турција во КФВ Пабло Обрадор Алварез, додека останатите договори се потпишаа од страна на директорот на Секторот за енергија и мобилност во ЈИЕ и Турција во КФВ Пабло Обрадор Алварез и директорот на ЕСМ Васко Ковачевски. На потпишувањето на договорите присуствуваа евроамбасадорот Дејвид Гир и вршителот на должност амбасадор на СР Германија во земјава Ото Граф.
Подготвено од М.Н.