16.02.2023 Скопје
Украина ќе го бојкотира состанокот на ОБСЕ во Виена поради руското учество, при што украинските парламентарци стравуваат од „побелување“ на руските воени злосторства, а нивниот спикер повика да се одложи бидејќи ќе се одржи точно една година по почетокот на руската инвазија на Украина.
Украинскиот парламент нема да испрати свои претставници на зимската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, закажана за 23 и 24 февруари во седиштето на ОБСЕ во Виена, твитна во вторникот претседателот на парламентот Руслан Стефаншук.
„Дознавме дека австриските власти се подготвени да издаваат визи за членовите на руската делегација и затоа руските парламентарци ќе присуствуваат на зимската сесија“, напиша лидерот на украинската делегација Микита Потураев до претседателката на Парламентарното собрание на ОБСЕ Маргарета Седерфелт во писмото добиено од APA.
Украина нема да може да учествува поради присуството на руската делегација, објасни Потураев, барајќи одложување на состанокот и навестувајќи поддршка од другите членки, без да именува имиња.
Потураев рече дека е убеден оти руската делегација ќе го искористи настанот за „да ја оправда агресијата врз Украина“ и „да ги обели воените злосторства и злосторствата против човештвото извршени врз Украинците“.
„Сето ова ќе го поткопа интегритетот на Парламентарното собрание и ќе ја компромитира јасната позиција што ја покажа за руската агресија од 2014 година“, нагласи тој.
Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг го бранеше учеството на руските делегати на состанокот на ОБСЕ, откако парламентарците од 20 земји на ОБСЕ побараа од владата да им забрани на руските дипломати да присуствуваат.
Секој однос и секој разговор со Русија би бил тежок, „но мораме да останеме во дијалог“, рече тој.
Иако жали за планираниот датум на состанокот како „многу несреќен“, тој истакна дека Виена мора да им дозволи на сите делегати од сите земји-учеснички да влезат во земјата поради меѓународното право.
Меѓу земјите кои ја повикаа Австрија да ги спречи руските претставници да влезат во земјата, Литванија дури се закани дека ќе го бојкотира состанокот доколку Австрија воопшто не го разгледа повикот.
„Нашата делегација веројатно нема да може да оди таму и да седи во иста просторија со луѓето кои треба да стојат пред специјален воен трибунал бидејќи тие луѓе се директно одговорни за иницирање на војната“, лидерот на литванската делегација Вилија Алекнаите- Абрамикије им изјави на новинарите во литванскиот парламент.
Русија предизвикува проблеми во ОБСЕ во последните 18 месеци, откако не даде одобрение за клучните прашања, вклучувајќи ги буџетите и мандатите. Ова ја втурна организацијата во административен ќорсокак што предизвикува несигурност за идните операции и претседателства.
Не постои механизам во рамките на ОБСЕ да ги отстрани или забрани членовите да учествуваат, затоа секој потег за да се спречи присуството на Русија најверојатно ќе треба да се однесува на одложувања или одбивања да се издаваат визи.
Подготвено од А.Ѓ.