14.02.2023 Скопје
Претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски и потпретседателот Горан Ѓорѓиевски учествуваа на традиционалното закројување на винови лози на настан организиран од здружението „Тиквешки семејни винарии” во атарот на селото Ресава, Општина Кавадарци.
На манифестацијата беа присутни голем број на производители на вино и други традиционални производи од грозје, највисоки претставници на државните институции и голем број на љубители на вино кои имаа можност да ги дегустираат производите.
Сојузот на стопански комори на Македонија и здружение „Тиквешки семејни винарии” минатата година потпишаа Меморандум за соработка со цел воспоставување на меѓусебна тесна координација, планирање и реализација на активности за застапување на интересите на малите винарии, нивно позиционирање на извозните пазари и промоција.
Меморандумот предвидува соработка за лобирање и застапување на интересите на малите семејни винарии пред сите домашни и меѓународни организации и институции, поддршка во развојот на вина од македонски автохтони сорти и унапредување на извозот на вино во шишиња; заеднички настап на извозните пазари, поддршка во градење препознатливост на вината на малите семејни винарии на регионалните и меѓународните пазари, активности за промоција и развој на вински туризам.
Подготвено од А.Ѓ.