17.02.2023 Скопје
Речиси идентична ситуација е во албанскиот Парламент, како и во понеделникот, внатре тензична ситуација со блокирање на собраниската говорница од страна на пратеници приврзаници на Сали Бериша.
Пред Парламентот има протест и обраќања преполни со обвинувања за премиерот Еди Рама, а беа фрлени и неколку димни бомби на одредена оддалеченост од полицискиот кордон.
Бериша, кој е меѓу 12-те демократски пратеници, негови приврзаници, исклучени по десет дена од работата на законодавниот дом, поради недолично однесување во собраниската сала, пред насобраните граѓани, обвини дека „Парламентот е бункер на забранетиот збор“, и порача дека „овој протест е револуција на секој Албанец“.
На протестот се приклучи и поранешниот претседател и лидер на Партијата на слободата, Илир Мета кој обвини за корупција, криминал, ниски плати, безнадежност на младите кои поради тоа ја напуштаат земјата.
Опозицијата предводена од Бериша најави протест и на 3 следниот месец, кога Апелација одлучува за тоа кој е наследник на логото, печатот и знамето на Демократската партија, крилото на Бериша или она на Енкелед Алибеај, кој е вршител на должноста претседател по оставката на претходниот лидер, Љуљзим Баша.
Подготвено од М.Н.