16.02.2023 Скопје
Апликациите на осудените и обвинетите од предметите што ги отвори СЈО, а кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов ги помилува, се недопуштени, одлучи Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Одлуката, според соопштението на Судот е финална, и предметите на поранешното СЈО не пропаѓаат односно постапките за нив продолжуваат.
Жалбите во Стразбур ги поднесоа дел од поранешните функционери против кои постапки отвори СЈО, a како причина за нив се наведува аболицијата што поранешниот претседател Ѓорге Иванов им ја даде во 2016 години, но по бурните реакции на јавноста мораше да ја повлече.
Апликантите во Стразбур заедно со нивните адвокати и пред судовите често ги оспоруваа предметите на СЈО повикувајќи се на тезата дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече.
Првата апликација до Стразбур беше испратена на почетокот на ноември 2017 година од поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, преку адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Останатите кои потоа поднесоа апликации се: бившиот премиер Никола Груевски, поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, генералниот секретар на Владата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот градоначалници на Гази Баба и на Пустец (Албанија), Тони Трајковски и Едмонд Темелко.
Подготвено од М.Н.