07.02.2023 Скопје

На вонредни седници што ќе се одржат неделава, скопските општини ќе донесат одлуки за обезбедување финансиска помош за населението погодено од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.

Заедницата на единици на локална самоуправа упати апел до градоначалниците на сите општини во државата, секоја во рамките на своите можности да издвои средства за помош на луѓето во овие две земји.

Градоначалничката Данела Арсовска информира дека испратила барање до Советот на Град Скопје на следната седница советниците да одлучуваат за хуманитарна помош за настраданите во земјотресот.

Вонредната седница во општина Аеродром ќе се одржи утре, а општина Центар ќе ја одржи во четврток, додека пак од Гази Баба и Ѓорче Петров најавија дека тоа ќе се случи во текот на оваа недела.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски поднел иницијатива до Советот за обезбедување финасиска помош од 500.000 денари за население од разурнатите подрачја.

Ѓорѓиевски истакна дека Република Северна Македонија во повеќе наврати во минатото има претрпено човечки загуби и огромни материјални штети од природни катастрофи и затоа „сме свесни и искрено сочувствуваме за трагедијата низ која во моментов поминуваат овие граѓани“, потенцирајќи дека во овие моменти сите треба да се потсетиме дека не можеме против природните катастрофи со трагичен епилог, но „можеме со хуманост и солидарност да им помогнеме на овие луѓе кои за еден миг изгубија можеби и се што имале“. Исто така, тој информира дека на Амбасадата на Република Турција во Република Северна Македонија и понудиле поддршка и од друг вид и како што рече оттаму дополнитено ќе бидат известени околу конкретните потреби на семејствата погодени од разорниот земјотрес.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *