10.02.2023 Скопје
Ројтерс објави дека швајцарската влада размислува да ја прекине вековната неутрална традиција на земјата за да и помогне во борбата на Украина против Русија.
Двата безбедносни комисии на швајцарскиот парламент препорачаа ублажување на ограничувањата со кои се забранува извоз на оружје произведено во Швајцарија во воените зони.
Швајцарската неутралност датира од поразот на Наполеон во 1815 година и е пропишана со договор од 1907 година. Во него се наведува дека земјата не може директно или индиректно да продава оружје на борците во војна.
Швајцарија, еден од 15-те најдобри извозници на оружје во светот, моментално има ембарго за оружје и на Русија и на Украина. Украинската влада побара Швајцарците да го променат својот став, со помош на европскиот притисок.
„Сакаме да бидеме неутрални, но ние сме дел од западниот свет“, рече Тјери Буркарт, лидер на либералната Слободна демократска партија.
Буркарт поднесе предлог да се дозволи реекспорт на оружје во земји кои ги делат истите демократски вредности како Швајцарија.
Тоа значи дека трети земји можат да набават швајцарско оружје со намера да испратат во Украина, што во моментов е забрането со швајцарските закони.
„Не треба да имаме вето да ги спречиме другите да и помагаат на Украина. Ако го направиме тоа, ја поддржуваме Русија, која не е неутрална позиција“, изјави Буркарт.
Во меѓувреме, левичарските социјалдемократи тврдат дека тие се за промена на сегашната законска рамка, заедно со зелените либерали.
Најголемото противење доаѓа од Зелените, при што пратеничката Мариона Шлатер тврди дека дозволувањето на испорака на швајцарско оружје во Украина може да доведе до „лизгава патека“.
Шлатер и Зелените не се сами во нивната загриженост дека ова може да стави крај на швајцарската неутралност. Десничарската швајцарска народна партија се чини дека е поделена по ова прашање.
Пратеникот Дејвид Зубербилер, од Швајцарската народна партија, тврди дека дозволувањето испорака на оружје може да ја „уништи основата на мирот и просперитетот во нашата земја“.
Швајцарската народна партија е најголемата политичка фракција во Долниот дом и традиционален застапник на неутралноста на земјата.
Она што е точно е дека многумина се загрижени дека ова може да стави крај на швајцарската неутралност.
Дури и за време на двете светски војни, кога нејзините соседи се бореа меѓу себе во страшни битки, алпската земја успеа да го задржи својот мир.
Довербата во швајцарската неутралност, исто така, и овозможи да основа такви хуманитарни субјекти како Црвениот крст и да биде седиште на Светската здравствена организација, меѓу другите.
Подготвено од А.Ѓ.