15.02.2023 Скопје
Министерот за образование Јетон Шаќири во Струга, во рамки на четвртиот циклус на социјалниот дијалог „Учи паметно, Работи стручно“, посочи дека Министерството за образование и наука заедно со партнерски организации работи на унапредување на средното стручно образование, кое добива пазарна ориентација. Тоа значи дека средните стручни училишта реализираат наставни програми за кои локалните компании искажале потреба. При тоа, дел од наставата се изведува во реални производствени услови и учениците низ практична работа стекнуваат потребни знаења и вештини што по завршувањето на средното образование им овозможуваат лесно вклопување во работните средини. Но, исто толку успешно, овие средношколци можат да продолжат во високото образование.
Социјалниот дијалог „Учи паметно, Работи стручно“ има за цел утврдување на реалните потреби на стопанството за стручни кадри и креирање наставни програми за средно образование соодветно на барањата.
„Реформата на средното стручно образование, во рамки на која секоја година се реализира кампањата „Учи паметно, работи стручно“ е успешна затоа што е резултат на интензивен дијалог меѓу локалните самоуправи, бизнис заедницата, Центарот за стручно образование и обука, партнерските организации и Министерството за образование и наука, вклучително и наставниот кадар“, рече министерот Шаќири, додавајќи дека за успешноста говорат и бројките.
Почетните 8 средни стручни училишта каде имаше дуални паралелки, оваа учебна година се зголемија на 61 училиште. Од 11 паралелки во кои се реализираше дуалното образование во учебната 2020-2021 година со вкупно 98 ученици, во оваа учебна 2022-2023 има 225 вакви паралелки, со над 3300 ученици. На почетокот само 16 компании гледаа перспектива во учењето на младите преку практична работа а годинава средношколци го учат занаетот во дури 450 компании.
Подготвено од А.Ѓ.