marburshka bolest

25.02.2023 Скопје

Денеска здравствените власти на шпанската област Валенсија соопштија дека во Шпанија на маж кој неодамна допатувал од Екваторијална Гвинеја бил дијагностициран првиот сомнителен случај на смртоносната заразна болест Марбург.

Во Екваторијална Гвинеја, поради оваа форма на хеморагична треска, на 13 февруари повеќе од 200 луѓе беа ставени во карантин, а движењето беше ограничено во провинцијата Кие-Нтем, каде за прв пат беше откриен вирусот.

Здравствените власти соопштија дека 34-годишниот маж е префрлен од приватна болница во одделот за изолација во болницата Ла Фе во Валенсија, каде што се вршат тестови.

Податоците на Светската здравствена организација покажуваат дека овој вирус е причина за хеморагична треска, која има стапка на смртност до 88 отсто. Во моментов нема одобрени вакцини или антивирусни третмани.

Светската здравствена организација соопшти дека Екваторијална Гвинеја досега има пријавено девет смртни случаи, како и 16 сомнителни случаи на оваа болест, со симптоми на треска, замор, повраќање крв и дијареа. Воедно, организацијата го зголеми нивото на епидемиолошки надзор во Екваторијална Гвинеја.

Регионалниот службеник за јавно здравје во Камерун, Роберт Матурин Бијанг, на 14 февруари изјави дека камерунските власти имаат откриено два сомнителни случаи на хеморагична треска на 13 февруари во Оламзе, на границата со Екваторијална Гвинеја.

Камерун го ограничи движењето долж својата граница со Екваторијална Гвинеја во обид да избегне ширење на инфекцијата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author