https://pretsedatel.mk/poseta_izlozbi_msu/

15.02.2023 Скопје

Претседателот Стево Пендаровски ги посети изложбите „Сè што имаме заедничко“ и „Лаењето на облаците не ги вознемирува кучињата“ поставени во Музејот на современа уметност.

Изложбата „Сè што имаме заедничко“ е организирана во рамки на 14-то европско номадско биенале за современа уметност „Манифеста“. На изложбата се поставени уметнички дела на ромски уметници од повеќе европски земји и тоа на Дилејн ле Бас и Ден Тарнер од Англија, Роберт Габрис, Емилија Ригова и Лубош Котлар од Словачка, Сеад Казанџиу од Албанија, Цеија Стојка од Австрија, Нихад Нино Пушија од Босна и Херцеговина/Германија, Андре Јено Рацш од Германија и Рома џем сешн уметнички колектив – Мустафа Асан, Мо Динер, Милена Петровиќ од Северна Македонија, Швајцарија и Србија, како и Ахмет Кадри и Дурмиш Ќазим од нашата земја.

Уметничките дела од оваа изложба третираат различни прашања поврзани со историјата на исклученоста и маргинализацијата на ромските заедници во различни европски политички контексти и со нив уметниците Роми сакаат да ја зголемат видливоста на ромската уметност и јазик и промена на досегашните маргинализирани наративи за Ромите.

Изложбата „Лаењето на облаците не ги вознемирува кучињата“ на уметникот од Косово, Дритон Селмани, еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници, се состои од текстуални дела, објекти и видео. Со нив уметникот на духовит начин користејќи специфична форма на хумор го истражува и преиспитува секојдневието. Во овој контекст, Селмани артикулира прашања поврзани со популарната култура, дискурсите на моќта во обликувањето на нашите животи, а третира и историски наративи, стереотипи, чувство на припадност и исклученост.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author