https://www.facebook.com/photo/?fbid=573761844788775&set=pcb.573761994788760

11.02.2023 Скопје

Над 24 000 лица загинаа како последица на катастрофалниот земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтеровата скала, кој во понеделникот, на 6 февруари, ги погоди Турција и Сирија.

Според последниот биланс, само во Турција се пријавени 20 665 загинати, а во Сирија бројот на жртви достигна 3 553. Со тоа, вкупниот број на загинати сега се искачи на 24 208.

Во двете земји се повредени над 80 000 лица, а над еден милион луѓе останаа без покрив над главата.

И по повеќе од 120 часа од земјотресот, спасувачите се на терен во потрага по преживеани под урнатините.

Дури 122 часа по првиот разорен земјотрес, под урнатините на зграда во јужна Турција е спасена 70-годишна жена. По долгите напори на спасувачките екипи, жената е извлечена од под урнатините и пренесена в болница.

Турскиот потпретседател Фуат Окта изјави дека во последните 24 часа од под урнатините се извлечени 67 лица.

Во спасувачките и хуманитарните акции во двете земји се вклучени над 166 000 лица.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган призна дека одговорот на турските власти по големите земјотреси во југоисточниот дел на земјата не е толку брз како што сакала владата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author