17.02.2023 Скопје
Истражувањето кое е спроведено од страна на германската фондација „Бертелсман“ покажува дека значително мнозинство од жителите на Европската Унија, веруваат дека Украина ќе победи во конфликтот со Русија.
Германците се повеќе скептични од просекот, па 55 отсто од нив веруваат во победа на Украина. Во истражувањето, 68 отсто од испитаниците се согласуваат со констатацијата дека нападот врз Украина е напад врз цела Европа, а така мислат дури 79 отсто од Полјаците и 78 отсто од Шпанците.
Кога станува збор за финансиските и економските санкции против Русија, само 40 отсто од испитаниците веруваат во нивната ефикасност, а во нивната ефикасност најмалку се убедени Германците, односно само 35 отсто од нив.
Околу 66 отсто од испитаниците главната одговорност за војната и ја припишуваат на Русија, 11 отсто сметаат дека Американците се виновни за војната, а пет отсто од нив подеднаква вина префрлаат на Украина и НАТО.
Полска повторно отскокнува од остатокот на ЕУ, 88 отсто од Полјаците сметаат дека Русија е главниот виновник за војната.
Од друга страна, само 54 отсто од Италијанците сметаат дека Русија е виновна за војната, а 23 отсто од нив ги обвинуваат САД или НАТО.
Подготвено од М.Н.