21.02.2023 Скопје
Истражувачите пријавиле трет случај на лице ослободено од ХИВ откако било подложено на трансплантација на матични клетки со цел да се излечи неговата леукемија.
Студијата, објавена денес во списанието Nature, го опишува случајот на 53-годишен машки пациент кој бил подложен на трансплантација на матични клетки на коскена срцевина за лекување на неговата леукемија. Како и пациентите „Лондон“ и „Берлин“, донаторот имал ретка мутација што дава отпорност на одредени видови на ХИВ, како ХИВ-1.
Јирген Рокстрох, професор и шеф на инфектиологија во германската Универзитетска болница во Бон, кој не бил вклучен во истражувањето, изјави дека ова нагласува дека овие пристапи се ветувачки и исто така репродуктивни, бидејќи тоа не останува изолиран случај.
Истражувачите, сепак, истакнуваат дека третманот не бил успешен за уште неколку пациенти кои го примиле.
Иако сè уште има дебата за тоа што значи да се биде „излечен од ХИВ“, новиот случај се надополнува на двата претходни случаи на лекување на ХИВ со користење на ист тип на трансплантација на матични клетки како пациентот од Берлин и пациентот од Лондон.
Експертот за ХИВ, Шерон Левин и колешката Џенифер Зербато напишаа дека е тешко да се докаже убедливо дека некој е излечен од ХИВ бидејќи вирусот може да остане скриен во многу долготрајни имунолошки клетки, а достапните методи за нивно откривање се ограничени.
Во целните клетки на ХИВ вирусот има рецептор наречен CCR5.
Сите три случаи вклучуваат ХИВ-1 позитивни пациенти кои биле подложени на трансплантација на матични клетки од донатор со двете копии на ретка, но природно настаната CCR5 мутација.
Поединците со оваа мутација имаат помал или никаков израз на CCR5 рецепторот во нивните клетки, што дава заштита од одредени видови на ХИВ вирусот.
Трансплантацијата во суштина го заменува имунолошкиот систем на пациентот со оној кој е отпорен на ХИВ.
Пациентот, чиј идентитет не е откриен, бил позитивен на тип 1 ХИВ (ХИВ-1) и бил следен од истражувачи од Универзитетската болница во Дизелдорф повеќе од девет години по неговата трансплантација во февруари 2013 година.
Пациентот имал тип на леукемија наречена акутна миелоидна леукемија. Леукемијата е вид на рак кој влијае на коскената срцевина, која е сунѓересто ткиво во нашите коски што создава нова крв и имунолошки клетки.
Пациентот продолжил да зема антивирусни лекови за ХИВ до ноември 2018 година, кога истражувачите одлучиле да го прекинат лекувањето бидејќи, како што објавија, тоа бил единствениот начин да се знае дали пациентот бил излечен.
Четири години по прекинувањето на антиретровирусна терапија, истражувачите не можеа да откријат никакви траги од ХИВ вируси способни за инфекција и го измерија намалувањето на нивото на специфичните антитела за ХИВ-1.
Генетскиот материјал на ХИВ вирусот беше главно незабележлив, освен спорадичните траги откриени во некои примероци од крв и лимфни ткива. Овие резултати се силен доказ дека ХИВ-1 бил излечен, велат истражувачите.
Трансплантација на матични клетки како третман за ХИВ
Иако оваа студија се надоврзува на два претходни случаи на успешно „лекување“ на ХИВ, тоа не значи дека трансплантацијата на матични клетки е безбедна и остварлива алтернатива за третман на ХИВ.
Борис Фехсе, раководител на одделот за истражување на клетки и генска терапија на Универзитетот Медицински центар Хамбург-Епендорф, истакна дека друго клучно ограничување на трансплантацијата е поврзаната изразена токсичност.
За трансплантација на коскена срцевина потребни се лекови кои го потиснуваат имунолошкиот систем, што може да го зголеми ризикот од инфекции и потенцијално да доведе до таканаречена болест на графтот наспроти домаќинот, каде што трансплантираните имунолошки клетки го таргетираат ткивото на домаќинот, додаде Фехсе.
Авторите предупредуваат дека овој тип на трансплантација на матични клетки не е со низок ризик или лесно може да се скалира. Студијата, велат тие, повеќе служи како дополнителен доказ дека терапии со генско уредување насочени кон CCR5 рецепторите може да бидат клучот за лекување на ХИВ-1.
Подготвено од А.Ѓ.