28.02.2023 Скопје
При вчерашното обраќање пред пратениците во унгарскиот парламент, унгарскиот премиер Виктор Орбан повторно зборуваше за војната во Украина и тврди дека му било важно да го повтори ставот на неговата земја на првата годишнина од руската инвазија и со тоа да потврди дека Унгарија не се предомислила.
Во тој контекст, тој ја спомена и парламентарната резолуција на претставниците на владејачките Фидес и Демохристијаните, во која се вели дека Унгарија го поддржува мирот и сака да остане настрана од руско-украинскиот конфликт. Орбан смета дека е потребна јасна декларација бидејќи Унгарија е изложена на секојдневен притисок. Воедно, повтори дека неговата земја мора да трпи провокации секој ден.
Орбан рече дека неговата влада „гледа со голема загриженост“ како Европа постепено „тоне во војна“, истакнувајќи дека неколку земји испраќаат тенкови и размислуваат да обезбедат борбени авиони за Украина. Тој посочи дека на изборите одржани во април минатата година, што го потврди и владината јавна анкета, Унгарците одлучиле Унгарија да „остане настрана од војната“ и да не доставува оружје.
Орбан предупреди на зголемен број смртни случаи, закана од хиперинфлација, економски колапс и можност за глобална војна. Исто така, го повтори повикот за прекин на огнот и мировни преговори, нагласувајќи дека Унгарија се залага за мир на сите меѓународни форуми.
Подготвено од А.Ѓ.