06.02.2023 Скопје
Две полски болници одбија да ја прекинат бременоста на малолетна жртва на силување. Случајот предизвика контроверзии околу рестриктивното законодавство во земјата, при што активистите за женски права инсистираат на тоа дека мора да се олесни.
Во полската политика и медиумите беснее скандал во врска со шокантниот случај на 14-годишна жртва на силување. Девојчето кое потекнува од регионот Подласки во североисточна Полска и има ментални пречки, било силувано од сопствениот вујко и поради тоа останала бремена. Не била свесна за нејзината состојба, но нејзината тетка го забележала тоа и се обидела да и помогне да абортира.
Иако девојката имала писмена потврда од јавниот обвинител дека е бремена како последица на кривично дело, со што добила право на легален абортус, две болници во регионот одбиле да ја спроведат постапката. Покраината Подлаские на границата со Белорусија е бастион на десничарската конзервативна Партија на правото и правдата (ПиС), која е на власт во Полска од 2015 година.
Неделниот магазин „Политика“ објави дека лекарите се повикале на „клаузулата на совеста“ како оправдување за нивното одбивање. Полскиот рестриктивен закон за абортус им дозволува на лекарите да одбијат да извршат абортус доколку тоа е спротивно на нивните религиозни убедувања. Ова беше она што се случи во овој случај. Болницата брутално ги одвратила девојката и нејзината тетка, велејќи им „бегајте одовде“.
Сепак, не е толку едноставно. Според правилата, лекарот кој одбива да изврши абортус мора да именува друг лекар кој може да ја преземе процедурата. Клаузулата на совеста може да ја повикуваат само поединци, не може да важи за цела болница. Политика вели дека ова сепак било игнорирано.
Последното средство им беше Фондацијата за жени и семејно планирање ФЕДЕРА, која дојде да ги спаси. Кристина Качпура, извршната директорка на ФЕДЕРА во интервју за весникот Gazeta Wyborcza, изјави дека девојчето било речиси во 12 недела и морало да се дејствува брзо со што абортусот бил успешно извршен во Варшава.
Качпура одби да им даде на новинарите дополнителни детали за девојчето. Воедно, ги повика властите да ја испитаат состојбата во сите болници во регионот и го критикуваше фактот дека лекарската професија станала „политичка“.
Во меѓувреме, полскиот министер за здравство Адам Ниџиелски исто така се осврна на ова прашање. Тој изјави дека се згрозени од овој случај и нивниот одговор е недвосмислен, опишвајќи ја борбата на девојчето да абортира како „неприфатлива“. Ниџиелски најави дека ќе има истрага за случајот.
Групите за правата на жените и политичката опозиција повторно бараат ублажување на законот за абортус во Полска, што го прави речиси невозможно да се постигне абортус.
„Клаузулата на совеста“, која многу лекари ја користат за да избегнат потенцијално гонење, е „варварска и нечовечка“ и мора да се укине, рече Катаржина Котула од левичарската либерална партија Виосна. И политичарката од левиот центар Барбара Новачка од Граѓанската коалиција (КО) најави во Сејм, полскиот парламент, дека опозицијата ќе поднесе предлог-закон за укинување на „клаузулата на совеста“.
Во 2020 година, уставниот суд на Полска го прогласи за незаконски да се абортираат сериозно малформирани фетуси, отворајќи го патот за зајакнување на веќе многу рестриктивниот закон за абортус. Во моментов, прекинувањето е легално само ако бременоста е резултат на силување или ако животот на мајката е во опасност. Во пракса, дури и овие исклучоци не се почитуваат секогаш, а лекарите тврдат дека нивните религиозни убедувања ги спречуваат да вршат абортуси. Доколку извршат незаконска постапка, се соочуваат со можност за затворска казна до три години.
По зајакнувањето на законот за абортус, бројот на службени прекини се намали од 1.076 во 2020 година на 107 следната година. ФЕДЕРА, сепак, тврди дека годишно се вршат 150.000 процедури надвор од официјалниот систем.
Според информациите од Европскиот парламент на 6 ноември 2022 година, од заострувањето на законот, шест жени починале во Полска како директна последица на тоа што нивната бременост не била прекината.
Подготвено од А.Ѓ.