24.02.2023 Скопје
Најголемите британски супермаркети воведоа рационализирано продавање на овошје и зеленчук, пред се на зелена салата, домати, пиперки и краставици откако домашниот пазар се соочува со недостиг на овие производи што во Британија главно се увезуваат.
Мерката што е крајно невообичаена за оваа земја, каде во текот на целата година на потрошувачите им се нуди богат асортиман на зеленчуци и овошје од сите страни на светот, е донесена бидејќи недостигот предизвикал купувачите да почнат да прават домашни резерви од овие зеленчуци, без разлика што тие не може долго да се складираат.
Супермаркети кои се одлучиле на една ваква мерка, сега дозволуваат да се купат најмногу по три краставици и салати, како и исто толку пипреки и домати. Ситуацијата се означува како сериозна, затоа што се очекува недостигот да потрае во следните четири недели.
Станува збор за криза во снабдувањето со свеж зеленчук, каква не би требало да ја има во земја каква што е Британија, па јавноста вината за ваквата состојба и ја припишува на лошата организација и на непостоечката комуникација меѓу големите супермаркети и министерството за храна, од каде пак се бранат дека поради лошото време во Шпанија и Мароко, од каде доаѓа зеленчукот е предизвикан застој во транспортот.
„Тоа не е главниот проблем, бидејќи какво и да е времето, патиштата низ Европа насекаде се проодни, во Мароко не паѓа снег, за да не може да се внесе зеленчук до Британија, а во целата ЕУ, посебно во сите земји-членки во британското соседство, сите зеленчуци ги има во изобилство“, истакнаа британските медиуми.
Подготвено од М.Н.