Image by jcomp on Freepik

21.02.2023 Скопје

Од Здружението на дијабетичари Тетово велат дека над 4.000 пациенти од тетовско кои се на инсулинска терапија, месецов мака мачат. Пред две недели во инсулинската аптека при Клиничката болница Тетово пристигнале само неколку пакетчиња со инсулин, но тие за неколку часа се потрошиле, оттогаш до денес аптеката ја нема потребната терапија за дијабетичарите.

Од здружението велат дека се ставени во голем ризик, здравјето од ден на ден им се влошува и не паметат ваква кризна година за инсулин. Оттаму додаваат дека секој чува по едно пенкало или две, затоа што знаат дека се доцни со терапијата, но сега веќе и тие се потрошени.

Душко Игневски, претседател на Здружението на дијабетичари Тетово, изјави дека овој месец немаат ни 10% од потребната терапија, на 10 февруари стигнале неколку кутии со пенкала, за неколку дена сето тоа се потрошило и дијабетичарите немаат ни ленти ни ништо. Воедно, додаде дека треба да се потпише нов анекс-договор и „да ни се набави потребниот лек“.

Од Министерството за здравство пак велат дека недостасува само еден тип инсулин. Како што посочија оттаму веќе е распишан јавниот повик за обезбедување нови количини инсулинска терапија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author