15.02.2023 Скопје
Автобуските стојалишта наутро и попладне, поточно кога граѓаните на Скопје одат или се враќаат од работа или од училиште, наликуваат како на нив да се одржува некаков ненајавен протест.
Големи групи граѓани по половина час и повеќе чекаат да дојде автобус, а ситуацијата е уште посериозна во поодалечените населби, каде откако престанаа да возат приватните автобуси сериозно е оневозможен редовниот превоз.
Нервозите на скопјани не се знае до кога ќе траат, затоа што нивните апели за надминување на проблемите со превозот, очигледно никој не ги слуша бидејќи никаков чекор не се прави за да се надмине настанатата хаотична ситуација со градскиот превоз.
Пред десетина дена, градоначалничката Данела Арсовска после повеќе од два месеци натегање, конечно реши на средба да ги прими новите претставници на приватните автобуси. Претставниците на приватните автобуси од состанокот излегоа задоволни, соопштија дека добиле совети околу модернизирање на превозот и најавија дека ќе има уште една средба, со надеж дека набрзо повторно ќе се вратат на скопските улици.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, вината за она што моментално се случува со јавниот превоз ја префрли кај советниците бидејќи тие не дозволија да се трошат пари од градскиот буџет за набавка на нови автобуси.
Што и да се планира за подобрување и модернизирање на скопскиот автобуски превоз тоа нема да се случи брзо, а токму тоа е она што граѓаните најмногу ги загрижува, бидејќи тие сакаат редовен превоз и доволно автобуси да има што е можно поскоро бидејќи голготата која ја поминуваат секојдневно веќе станува премногу сериозна.
Подготвено од М.Н.