20.02.2023 Скопје
Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство реагираа по интервјуто на јутјуберот Стефан Лазаров со новинарот Драган Павловиќ Латас, во кое беа споделувани детали од „практикување насилен сексуален однос“.
Од Министерството за внатрешни работи нема конкретна информација поради сомнежи за какво дело полицијата решила да се активира.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека известувањето е поднесено по преземени мерки и активности од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, заедно со целокупниот документиран материјал за понатамошно постапување.
Од Обвинителството истакнаа дека надлежен јавен обвинител ќе даде насоки за натамошни дејствија и проверки.
Ваквите постапки на институциите следуваат по бурните реакции во јавноста, а во дел од нив за Латас беше посочено дека сексуално злоставувал девојка. Ваквите обвинувања тој ги демантираше на социјалните мрежи и кажа дека против него се води хајка. Латас напиша дека во интервјуто немало изјава од него дека девојка била силувана. Сепак, Латас не го негираше делот во кој вели дека негов пријател и удирал шлаканици на девојка.
Водителот Лазаров пак, во интервјуто се насмеа на кажаното од Латас, постапка која веднаш беше осудена и од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Оттаму соопштија дека „во видеото, кое веќе има над 50 илјади прегледи, за двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа нешто е нормално, туку и смешно“. Од Хелсиншки комитет додаваат дека ваквата култура им дава ветер во грб на насилниците. Лазаров пак, слично како и Латас истакна дека станува збор за хајка против него. Тој на фејсбук напиша дека новинарот раскажал ситуација од средношколските денови и во ниту еден момент не кажал дека некоја девојка е силувана.
Интервјуто беше мета на бурни реакции од голем број невладини организации и активисти за права. Тие реагираат дека со интервјуто, кое е објавено пред пет дена на јутјуб, се поттикнува родово базирано насилство.
Подготвено од А.Ѓ.