08.02.2023 Скопје
Иван Барбов, директор на Клиниката за неврологија, денеска најави дека снимањата на пациентите со мозочни удари ќе се завршуваат за само неколку секунди.
Министерството за здравство во соработка со Светска банка обезбеди современ апарат за компјутеризирана томографија за клиниката кој денес го промовираа министерот за здравство Беким Сали и директорот на Клиниката, Барбов.
Директорот Барбов истакна дека овој апарат многу ќе значи за брзата дијагностика на пациентите, пред сè со мозочни удари, но и за другите заболувања. Апаратот е најсовремена технологија што овозможува брзо снимање на пациентите. Времето е максимално скратено на само неколку секунди за едно снимање со што пациентите примаат помала доза на зрачење, што е многу важно. Исто така, има технологија со која може да се направат тридимензионални реконструкции на снимките. Апаратот има можност за перфузиона томографија и за правење на ангиографски слики, односно снимање на крвните садови на мозокот и на ‘рбетниот столб со што ќе се подобри дијагностиката на церебрално-васкуларните заболувања меѓутоа и на другите болести кои се дијагностицираат и лекуваат на Клиниката за неврологија.
Компјутерскиот томограф за Клиниката за неврологија министерот Сали објасни дека е дел од новата опрема набавена за вкупно 14 јавни здравствени установи. Исто така, Сали денес пушти во употреба нова опрема и во Клиниката за хируршки болести „Наум Охридски“ која доби компјутерски томограф, два мобилни рендген апарати и еден дигитален рендген апарат.
Подготвено од А.Ѓ.