15.02.2023 Скопје
Почетокот на изградбата на новата зграда на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и продолжувањето на градежните работи на објектите на ФИНКИ и на Факултетот за физичка култура во Скопје се трите големи проекти кои Министерството за образование и наука ќе ги реализира во 2023 година, во рамките на Програмата за капитални инвестиции.
Над една милијарда денари ќе се вложат во подобри училишта, универзитети, ученички домови и спортски сали. Инвестициите во образовната инфраструктура придонесуваат за подобрување на квалитетот на образованието, и затоа се значајна компонента на модернизацијата на националниот образовен систем.
Во основното образование, почнуваме со реконструкција на Основно училиште “Асдрени“- с.Глоѓи, општина Теарце, изработка на термо-техничка фасада во училиштето „Ѓерг Кастриоти Скендербеу“ во Општина Арачиново, санација на потпорниот ѕид и реконструкција на училиштето „Јунус Емре“ во с. Лисичани, Пласница, адаптација и реконструкција на училишна зграда во ООУ „Хајан Селмани“ во с. Ростуше, Општина Маврово и Ростуше, како и санација на кровот на училиштето „Гоце Делчев“ во о.Центар во Скопје. Планот е поширок и предвидува реконструкција на 118 училишни објекти во кои се подобри пристапноста за учениците со попреченост, како и внатрешните услови.
Од Министерството за образование и наука истакнуваат дека Министерството плански вложува во подобрување на условите за изведување на наставата, затоа што тие влијаат како на посветеноста на учениците, така и на мотивацијата на наставниците.
Во делот на средното образование, нов објект ќе добие кумановската гимназија „Сами Фрашери“. Предвидени се инвестиции за целосна реконструкција и на сите 9 државни студентски домови, за осовременување на условите за престој и учење како и зголемување на енергетската ефикасност. Оваа година ќе започне изградбата и на 10 нови спортски објекти, во рамки на проектот за изградба на 145 училишни спортски сали.
Подготвено од А.Ѓ.