09.02.2023 Скопје

Министерството за здравство сè уште без одговори на прашањата кои „Гласот на Европа“ во два наврати ги упати до нив, а поврзани со проблемите во здравството на лицата учесници од НАТО мировните мисии.

„Гласот на Европа“ во јануари и февруари испрати дописи со прашања до министерството за здравство, во кои побаравме одговори поврзани со ситуацијата на лицата учесници од НАТО мировните мисии, кои во најголема мера се соочуваат со ПТСД – посттрауматско стресно растројство, а здравствениот систем не може да ги опфати.

Повикувајќи се на информациите на Здружението на инвалиди од НАТО мировни мисии „Верба и Надеж“ од Куманово, според кои последниот состанок помеѓу двете страни е одржан во декември 2021, прашавме дали министерството ќе ја продолжи комуникацијата и дијалогот со здружението од Куманово.

Претходно, како што објавивме, здружението објави дека во Куманово има само 4 психијатри, а како најголема општина има и најголем број на НАТО повратници, околу 10.000 лица, кои во најголем дел се соочуваат со психолошки и здравствени проблеми (особено ПТСД).

Исто така, без одговор останавме и во врска со поднесеното барање за формирање на анкетна комисија заради регулирање на правата и статусот на оваа категорија на граѓани, меѓу кој се бара и формирање на лекарска комисија за утврдување на инвалидност на цивилни лица од НАТО мировни мисии.

„Гласот на Европа“ уште во јануари објави за немањето на доволен број на лекари во Куманово, повикувајќи се на изјавите од здружението, според кои пациентите со ПТСД се лекуваат дури во Косово.

„Во Куманово веќе подолг временски период недостасуваат психијатри. По наши сознанија двајца се во државно здравство и двајца работат приватно, а кои на месечно ниво сите заедно можат да сервисираат од 1300 до 1500 пациенти. Имајќи го во предвид податокот дека во Куманово има од 9-10.000 пациенти со ПТСД, потребата од нов лекарски кадар е неопходна. Дел од нив одат на прегледи во Скопје, Кочани, Пробиштип, Битола, Струмица… а за жал најголемиот дел од пациентите со ПТСД лекарска помош имаат побарано во Косово“, изјави за „Гласот на Европа“ Катерина Георгиевска, претседателка на здружението на НАТО инвалиди од мировни мисии, „Верба и надеж“ од Куманово.

Надлежното министерство, како што посочија од „Верба и Надеж“ од Куманово, било запознаено со нивната работа и нивните потреби, но за жал од декември 2021 воопшто не контактираат со нив. По ова, здружението има алармирано во јуни 2022 и до собраниска комисија за здравство при собранието на Република Северна Македонија.

Медиумите уште претходно имаат известувано за ситуацијата со лицата учесници во НАТО мировните мисии. Локалниот портал „Кумановоњуз“, пишува дека „30 отсто повеќе разводи имало во 2014 во однос на претходната година“. Канал 5 пак, во 2011 објави: „Кумановци рекордери по разводи – Авганистан кумува во раскинувањето на заедниците“.

ОКОЛУ 2.000 ЦИВИЛНИ ИНВАЛИДИ ОД НАТО МИСИИ ВО ТЕТОВО, ПОТРЕБЕН ЗАКОН ЗА ОВАА КАТЕГОРИЈА НА ГРАЃАНИ

ОКОЛУ 2.000 ЦИВИЛНИ ИНВАЛИДИ ОД НАТО МИСИИ ВО ТЕТОВО, ПОТРЕБЕН ЗАКОН ЗА ОВАА КАТЕГОРИЈА НА ГРАЃАНИ

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *