https://www.facebook.com/photo/?fbid=730846115075894&set=pb.100044515356135.-2207520000.

14.02.2023 Скопје

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски престојуваше во посета на Црна Гора, каде оствари средба со црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и вицепремиерот и министер за земјоделство, Владимир Јоковиќ.

Министерот Николовски посочи дека Република Северна Македонија е подготвена да и помогне на Црна Гора во посилно повлекување на средства од ЕУ фондовите, преку споделување на нашите искуства за успешноста на ИПАРД 2 програмата.

„Република Северна Македонија и Црна Гора немаат никакви отворени прашања, но имаат огромен простор да ја зголемат соработката, комуникацијата и испораката на резултатите кон граѓаните. На две теми разговаравме со потпретседателот и со премиерот Абазовиќ, шампионската улога на Република Северна Македонија во искористеноста на ИПАРД 2 средствата во износ од 60 милиони евра односно 98 отсто од целокупниот буџет и со реализирани над 2000 договори“, изјави министерот Николовски.

Црногорскиот министер за земјоделство, Јоковиќ, кој е иницијатор на оваа средба, упати благодарност до Николовски за пренесување на позитивното искуство.

„Република Северна Македонија е регионален пример во поглед на искористеноста на фондовите од ЕУ за развој на земјоделството и поттикнување на производството. Црна Гора сака да ги усвои и примени македонските добри практики. Благодарни сме на македонските пријатели и на подготвеноста да не поддржат“, изјави Јоковиќ.

Втората тема на која се разговараше беше иницијативата Отворен Балкан. „Верувам дека во многу скоро време Црна Гора ќе биде новата земја членка на Open Balkan и дека граѓаните на Црна Гора ќе ги осетат и ќе ги добијат придобивките коишто ги имаат сега македонските граѓаните и граѓаните на Албанија и на Србија“, истакна министерот Николовски и при тоа ги образложи сите позитивни резултати од отворените граници како и идните планови за нови иницијативи кои уште повеќе ги доближат земјите членки кон остварување на нови придобивки.

Абазовиќ истакна дека посетата на Николовски е дополнителен импулс за посилна соработка помеѓу двете земји, особено во земјоделскиот сектор и производството на храна.

Подготвено од М.Н.

About Author