https://www.facebook.com/Highschoolkarev/photos/pb.100067302410505.-2207520000./1427489884048594/?type=3

27.02.2023 Скопје

Откако поминаа две години како што учениците следеа настава пред компјутер поради пандемијата Ковид-19, тие конечно се вратија во училишните клупи и продолжија со наставата, но, за жал, не помина многу време и образовните институции станаа мета на лажни дојави за бомби од кои најпогодени беа учениците од средните училишта со голем број изгубени часови.

Проблемот со дојавите за бомби трае веќе неколку месеци, а училиштата и учениците се постојано во неизвесност поради можните дојави, поради што и тешко успеваат да ги надополнат изгубените часови.

Матурантите се најпогодени од целата ситуација со онлајн наставата и дојавите за бомби, бидејќи губат голем дел од наставата што е предвидена во државните матурски испити.

Во некои училишта наставата се приспособува согласно нивните потреби, или пак изгубените часови се надополнуваат онлајн.

Низ школските ходници веќе се шушка дека матурантите ќе бараат укинување на матурата, но од Министерството за образование и наука велат дека тоа нема да се случи, а во Државниот испитен центар истакнуваат дека се подготвува испитниот материјал за матурата.

Матурантите истакнаа дека дојавите им создаваат стрес бидејќи не се сигурни колку ќе можат да се подготват за полагањето и сметаат дека матурата треба да се одложи за август.

Од Министерството за образование и наука потенцираат дека матурата ќе се реализира според календарот и според нив, директорите на училиштата се одговорни за организирање на надополнувањето на изгубените часови.

Истовремено, од Државниот испитен центар велат дека го подготвуваат испитниот материјал согласно испитните програми и дека ги имаат предвид новонастанатите ситуации во нивниот процес на подготовка. Оттаму најавуваат нови испитни програми по македонски јазик и литература, математика, народно пеење и стручните изборни предмети од стручното образование.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author