https://www.google.com/search?as_st=y&tbm=isch&hl=en-US&as_q=jens+stoltenberg&as_epq=&as_oq=&as_eq=&cr=&as_sitesearch=&safe=images&tbs=sur:cl,isz:lt,islt:svga#imgrc=YJS_vrTIzZmneM

01.02.2023 Скопје

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг остана на чело на западниот воен пакт поради војната во Украина, но бидејќи мандатот му истекува во септември, има се повеќе шпекулации за тоа кој би можел да го наследи.

Следниот генерален секретар би морал да балансира во охрабрувањето на западните престолнини да продолжат да му испорачуваат оружје на Киев и да ги засилат буџетските вложувања во војската, но и формално да не се мешаат во конфликтот во Украина.

Првата опција која е најчесто спомнувана е реизбор на Столтенберг. Мандатот на сегашниот генерален секретар му беше продолжен во март минатата година по руската инвазија на Украина, и многу функционери веруваат дека уште едно продолжување на мандатот на Столтенберг е најсериозната можна опција за НАТО.

Како втора опција се спомнуваат холандскиот премиер Марк Руте, премиерката на Естонија Каја Калас и британскиот министер за одбрана Бен Волис, а трета опција се поретко спомнувани имиња, односно литванската премиерка Ингрида Шимоните, претседателката на Словачка Зузана Чапутова и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен.

Имајќи предвид дека до сега сите генерални секретари на НАТО биле мажи, постои одредена доза притисок на главната позиција на Северноатлантската алијанса да се именува жена.

Од друга страна, некои од членките на воениот пакт се залагаат за поголема регионална застапеност. Столтенберг, кој е на функцијата од 2014 година, е поранешен норвешки премиер, а пред Норвешка, позицијата шеф на НАТО во поновата историја ја држеле Данска, Холандија и Британија.

Некои од функционерите ги гледаат кандидатите од источна Европа како особено погодни за да се постигне баланс меѓу државите членки.

Меѓу останатите имиња за кои се шпекулира се и потпретседателката на канадската влада Кристија Фриленд и министерката за надворешни работи Мелани Џоли.

Сепак, бидејќи Алијансата се фокусира на јакнењето на својата одбрана, ниските воени трошоци на Канада и нејзиниот неевропски статус значат дека е малку веројатно дека некој од Отава ќе дојде на главната позиција во НАТО.

Подготвено од М.Н.

About Author