06.02.2023 Скопје
Во Културниот центар во српскиот град Лесковац е отворена изложбата „CAN for Balkans“, како дел од истоимениот меѓународен проект во чија имплементација е вклучен и Стрип центарот на Македонија од Велес.
Станува збор за мултимедијална, групна изложба, посветена на историскиот стрип на Балканот. Изложбата е составена од две тематски целини, од кои на првата се презентирани графичко-секвенцијални дела пристигнати на минатогодишниот меѓународен стрип-конкурс на тема „Балканот низ историјата“. На втората, која е резултат од повеќегодишните истражувачки студии за историскиот стрип на Балканот, изложени се најрепрезентативните историски стрипови од романски, српски, албански и македонски автори.
Од македонските стрип-автори, со свои дела се претставени Љубомир Филиповски, Диме Иванов-Димано, Миле Топуз, Драган Ташковски, Илија Јордановски, Дарко Богданов и Александар Стеванов, кој се јавува и во улога на истражувач и селектор на изложените македонски дела. Наедно, на изложбата беше претставена и публикација со истражувачки студии за историскиот стрип на Балканот, вклучително и студијата на стрип-хроничарот Стеванов од Штип.
На отворањето на изложбата му претходеа тркалезната маса „Балканот во стрипот, стрипот на Балканот“ и презентација на книгата „Југот и стрипот во теоријата“.
Проектот со мултимедијалната меѓународна патувачка изложба на историски стрип „CAN for Balkans“, на кураторот Николае Пепене, се реализира со поддршка од Европската Унија во рамките на проектот „Креативна Европа“. Покрај Стрип центарот на Македонија – Велес, во него се вклучени и Регионалниот музеј во Брашов, Националниот историски музеј во Тирана, Музејот на стрип во Брисел, како и Лесковачкото стрип-училиште „Никола Митровиќ-Кокан“.
Подготвено од А.Ѓ.