02.02.2023 Скопје
Откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Хелсинки може да добие зелено светло од Анкара, но не и Стокхолм за влез во Алијансата, премиерите на Финска и Шведска денеска ќе остварат работна средба за изнаоѓање на соодветно решение за помирување со Анкара.
Финската премиерка Сана Марин е првата шефица на влада што ќе биде примена од нејзиниот шведски колега Улф Кристерсон откако тој ја презеде функцијата минатата есен.
Анкара својата поддршка за двете земји ја условува со екстрадиција на „терористи“, главно Курди. Таа бара Хелсинки и Стокхолм да заземат особено строг став кон членовите на Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, и втора група која ја обвинува за обидот за пуч во 2016 година.
Трите страни во јуни минатата година постигнаа договор во Мадрид, но Анкара ги прекина разговорите минатиот месец откако се зголемија тензиите кога десничарски екстремист запали Куран во близина на турската Амбасада во Стокхолм.
Подготвено од М.Н.