20.02.2023 Скопје
Ако денес до 15 часот нема пари на сметките на сите вработени во Клиничките центри и болници, во среда докторите, сестрите, болничарите и останатиот медицински кадар ќе излезат на протест.
„Ние како што рековме, ќе почитуваме како што вети директорката на Фондот, но ако денес до крајот на работното време не биде исплатена платата утре ќе го свикаме ИО и Советот на Синдикатот и најверојатно во среда ќе договориме протест, независно дали во текот на утрешниот ден ќе префрлат плата протестот во среда ќе се одржи“, изјави д-р Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на вработените во Клиничките центри.
Во меѓувреме вработени во ГОБ „8 Септември” своето незадоволство поради неисплатените плати ќе го искажат на протест денес за време на паузата од 13 до 13.30.
Засега нема конкретна информација како ќе се исплаќаат платите, дали преку трезорот на Фондот доколку се воспостави контрола над хакираниот систем или пари ќе се повлечат од Централниот трезор на министерството за финансии.
Подготвено од М.Н.