21.02.2023 Скопје

Скопски „Макпетрол“ е најуспешен карате-клуб на сениорското првенство на Република Северна Македонија во машка и во женска конкуренција, кое се одржа во скопската населба Ченто, со учество на 105 каратисти/ки од 32 клуба.

Со шест златни, пет сребрени и две бронзени медали, карате клубот „Макпетрол“ оствари најдобар резултат на државното првенство за сениори. Во своите тежински категории, шампиони станаа Петар Заборски (-75 кг), Ангела Мојсовска (-68 кг), Стефан Стојановиќ (+84 кг) и Петар Спасеновски (-84 кг).

Освен во индивидуалните категории, на прво место се пласираа и машката и женската екипа на „Макпетрол“. Симона Заборска (капитен), Викторија Јовановска, Ангела Мојсовска, Јована Мицковска и Марија Петровска го сочинуваа женскиот тим, додека Петар Заборски (капитен), Петар Спасеновски, Давид Петков, Стефан Стојановиќ, Глигор Петков и Витомир Трајковски беа дел од машката шампионска екипа на скопскиот клуб.

На државното првенство со сребро се закитија Марија Петровска (-50 кг), Јована Мицовска (-61 кг), Давид Петков (-67 кг), Витомир Трајковски (-84 кг) и Глигор Петков (+84 кг).

Бронзени медали освоија Симона Заборска (-61 кг) и Викторија Јовановска (-61 кг).

Тренерот на „Макпетрол“, Бошко Заборски, е задоволен од постигнатото и од прикажаните борби на сите членови на клубот, и според него, најважно е што тимот во текот на шампионатот се претстави со модерно и врвно карате.

Подготвено од М.Н.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *