14.02.2023 Скопје
Италијанските десничарски партии остварија огромни придобивки за време на регионалните избори одржани во два од најнаселените региони во Италија, Лацио и Ломбардија, потврдувајќи го лидерството на премиерот Џорџија Мелони и непрестајниот пад на левата опозиција.
Во Лацио, регион со речиси шест милиони жители, кандидатот на десниот центар Франческо Рока го престигна кандидатот на левиот центар Алесио Д’Амато за околу 20 процентни поени, постигнувајќи 53% и 34%, соодветно.
Во Ломбардија, регион со околу 10 милиони жители, Атилио Фонтана (Лега/ИД) повторно беше потврден за гувернер со 55% од гласовите наспроти левичарскиот кандидат Пјерфранческо Мајорино кој освои 34%.
Тоа е „резултат што ја консолидира компактноста на десниот центар и ја зајакнува работата на владата“, коментира Мелони на Твитер.
„Тоа е гласање за доверба на владата“, рече вицепремиерот и министер за надворешни работи Антонио Тајани (Форца Италија).
Триумфот на италијанската десница беше засенет од претходните коментари на Форца Италија Силвио Берлускони против украинскиот лидер Володимир Зеленски, што повторно го стави Мелони во тешка позиција.
Мелони не го коментираше инцидентот и ги откажа сите нејзини закажани ангажмани за понеделник поради грип, се вели во белешката од Палацо Чиги.
Гласините во Рим сугерираат дека Берлускони се нафрлил на украинскиот лидер поради негативните анкети на Форца Италија во Ломбардија, додека болеста на Мелони е трик за да се премолчи контроверзноста.
Одѕивот, сепак, достигна историски минимум.
Во Ломбардија изнесува 41,6%, додека во Лацио 37,2%. Рим го држи негативниот рекорд со 33%: двајца од тројца граѓани не гласале.
Левицата, сепак, излезе како еден од губитниците на изборите. Тешкиот пораз аналитичарите го објаснуваат со недостатокот на национално лидерство во Демократската партија (ПД/С&Д), која ќе го избере својот нов секретар на пролет.
Претседателот на Емилија-Ромања, Стефано Боначини и пратеничката и поранешна европратеничка Ели Шлајн е во водство да го замени поранешниот премиер и секретар на ПД, Енрико Лета.
Кандидати се и пратениците Џани Куперло и Паола Де Микели. И Боначини и Шлајн зборуваа за „јасен пораз“ на левицата и повикаа на длабока промена во партијата.
Друг елемент на поделба беше Третиот пол, формиран од Италија Вива на Матео Ренци и „Азионе“ на Карло Календа, кој учествуваше сам во Ломбардија со поранешната министерка Летиција Морати и наместо тоа го поддржа левичарскиот кандидат Алесио Д’Амато во Лацио.
Движењето 5 ѕвезди предводено од поранешниот премиер Џузепе Конте пропадна и во Лацио, со кандидатката Донатела Бјанки, и во Ломбардија, каде што го поддржа левичарскиот кандидат Пјефранческо Мајорино заедно со Демократската партија.
Според Мајорино, скандалот Катаргејт негативно се одразил на угледот на левичарските партии во очите на гласачите, а поразот на СПД во Германија, покрај резултатот од овој изборен круг во Италија, предизвикува страв дека постои тенденција на недоверба на прогресивната левица на ниво на ЕУ.
Подготвено од А.Ѓ.